Малите продажни објекти, како тобако продавниците, киосците, мини маркетите и семејните дуќани, би можеле да се соочат со сериозни финансиски последици поради најавениот Закон за заштита од пушење. Сопствениците предупредуваат дека новите правила ќе донесат дополнителни трошоци и значителни загуби, што може да резултира со отпуштање на работници или дури и затворање на дел од објектите.
Тие посочуваат дека ограничувањата поврзани со начинот на продажба, изложување и информирање за цигари и други тутунски производи директно ќе ја загрозат егзистенцијата на илјадници мали бизниси низ државата.
Според Стопанската комора на Северна Македонија, ваквите мерки ќе погодат повеќе од 4.000 мали и средни претпријатија, при што значаен дел од нивните приходи доаѓа од долгорочни договори со тутунската индустрија.






