Доколку конфликтите на Блискиот Исток продолжат и се задржи блокадата на Ормускиот теснец, тоа би можело сериозно да влијае врз глобалната економија. Откако ескалираа тензиите на 28 февруари, најмалку десет бродови биле нападнати во овој стратешки важен морски премин.
Иако САД понудија поморска придружба и програма за осигурување од 20 милијарди долари за танкерите со нафта, многу бродови сè уште се задржани од двете страни на теснецот. Поради зголемениот ризик, осигурувањето и транспортните трошоци нагло пораснаа, поради што дел од бродските компании привремено ги прекинаа своите операции.
Ормускиот теснец е еден од најважните поморски коридори во светот. Низ него минуваат околу 30 проценти од светскиот извоз на нафта и околу 20 проценти од природниот гас. Освен енергенсите, низ овој пат се транспортира и значителен дел од светските ѓубрива – речиси 30 проценти од глобалниот извоз – што има директно влијание врз земјоделското производство и цените на храната.
Кои производи би можеле да поскапат?
Ако кризата продолжи, можно е постепено поскапување на основни прехранбени производи како пченица, пченка, леб, тестенини и компири. Поради повисоките транспортни и енергетски трошоци, поскапи би можеле да станат и млечните производи, морската храна, соиното масло и храната за животни.
Експертите сепак засега не очекуваат сериозна паника на пазарите. Според економистите, клучен фактор ќе биде цената на нафтата. Ако таа продолжи да расте, тоа ќе ги зголеми и трошоците за транспорт и преработка на храната, што на крај би можело повторно да ја поттикне инфлацијата.
Колку е реално и какво влијание би имало врз Македонија?
Ако блокадата на Ормускиот теснец трае кратко време, влијанието врз светската економија ќе биде ограничено. Но доколку кризата се одолговлечи со месеци, можно е значително поскапување на енергенсите и храната на глобално ниво.
Македонија не увезува директно големи количини нафта или ѓубрива од Персискиот Залив, но како мала и увозно зависна економија силно ги чувствува глобалните ценовни шокови. Тоа значи дека евентуалното зголемување на цените на нафтата, ѓубривата и храната на светските пазари брзо може да се пренесе и на домашниот пазар.
Најмногу би се почувствувале повисоки цени на горивата, транспортот и одредени прехранбени производи, што индиректно би влијаело врз инфлацијата и трошоците за живот во земјата.






