Новообјавени документи од американското Министерство за правда откриваат дека Џефри Епстин размислувал да ја купи поранешната зграда на југословенската амбасада во Њујорк, попозната како „Титовата вила“.
Меѓу материјалите се наоѓа и имејл со 26 фотографии од имотот, како и текст од „Њујорк пост“ со наслов: „За 50 милиони долари, можете да ја поседувате последната вила од златната ера на Менхетен“. На 10 декември 2018 година, Епстин добил порака од својот финансиски советник Дејвид Мичел, во која бил информиран дека во зградата избувнал пожар и дека тоа можеби е погоден момент за поднесување купопродажна понуда.
Според документите, за време на обидите да го купи објектот, Епстин стапил во контакт и со Мирослав Лајчак, поранешен висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина. За ова известува порталот „Нова“, повикувајќи се на објавената документација.
Во порака од 25 октомври 2017 година, Епстин напишал дека ја посетил поранешната југословенска амбасада и дека дознал оти е на продажба, но дека за трансакцијата е потребна согласност од сите пет држави-наследнички на поранешна Југославија. „Интересна ситуација“, забележал тој. На тоа, Лајчак му одговорил дека договор е практично невозможен, бидејќи државите со години безуспешно се обидуваат да се усогласат околу поделбата на имотот уште од 2001 година, додавајќи дека добро ги познава сите прашања поврзани со поранешна Југославија и нејзините наследнички.
Името на Мирослав Лајчак, поранешен словачки министер за надворешни работи, често се појавува во досиејата поврзани со Епстин. Тој неодамна поднесе оставка од функцијата советник на словачкиот премиер Роберт Фицо.
Иако Епстин покажал сериозен интерес за вилата во периодот 2017–2018 година, купувањето никогаш не се реализирало. Четири години подоцна, објектот бил продаден за 50 милиони долари, при што Србија добила 40 отсто од сумата, согласно Анекс „Б“ од Договорот за наследување на имотот на поранешна СФРЈ во странство.






