Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вчера го посети компјутерскиот центар на проектот „Безбеден град“ во СВР Скопје, каде што официјално беше означен почетокот на неговата примена за евидентирање на сообраќајни прекршоци.
Тошковски истакна дека проектот успешно започнал и се реализира според планираното, при што граѓаните во голема мера ги почитуваат сообраќајните правила.
„Денес е први февруари, околу 20 часот, и бележиме значително намалување на бројот на прекршоци во споредба со периодот пред два месеци, кога започна тест фазата. Во моментов се регистрирани околу 500 сообраќајни прекршоци детектирани од паметните камери. Сакам да изразам голема благодарност до македонските граѓани и сите совесни учесници во сообраќајот, бидејќи токму вие придонесовте бројот на прекршоци да се намали од над 120.000 на околу 500 за само два месеци. Благодарение на тоа, бројот на повредени лица во сообраќајни незгоди на подрачјето на СВР Скопје е намален за околу 35%, а бројот на загинати е редуциран од 11 на 4“, нагласи министерот за време на посетата.






