Почетна ДЕНЕС Нема промени:Корупцијата во Македонија тапка на високото 84–то место

Нема промени:Корупцијата во Македонија тапка на високото 84–то место

65
0

Северна Македонија годинава го зазема 84. место од 182 држави на Индексот за мерење на корупцијата (ИПК) на „Транспаренси интернешенел“ за 2025 година. На скалата од 0 (најкорумпирана) до 100 (најмалку корумпирана), земјата и годинава бележи 40 поени како и лани,  што значи дека нема суштински напредок во борбата против корупцијата .

Додека голем број држави од регионот имаат надолен тренд, Северна Македонија ја дели позицијата со Бугарија, Буркина Фасо, Куба, Гвајана и Унгарија. Во извештајот во 2025 земјава беше 88. Најдобар резултат последнава деценија имаше во Индексот објавен во 2024 кога со 42 поени Македонија беше 76 на листата.

Ова укажува дека нема суштински напредок во борбата против корупцијата. Земјата повторно покажува константа — почетна точка од која реформи треба да тргнат кон подобрување. Формално, Македонија оваа година е позиционирана четири места повисоко (84. позиција), што укажува дека лани имала подобри резултати од уште четири други држави, а не дека е постигнат вистински напредок, посочуваат од Транспаренси Интернешнл – Македонија.

Клучните системски проблеми остануваат: неуспешните и недовршени реформи во судството и обвинителството, кои и понатаму не обезбедуваат ефикасен, независен и одговорен правосуден систем. Дополнителен удар врз довербата беше и случајот поврзан со поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, што сериозно го наруши кредибилитетот на институциите задолжени за борба против корупцијата.

Загрижува и нетранспарентниот процес на изготвување на измените на Кривичниот законик, како и самата содржина на измените, кои не само што не ја зајакнаа антикорупциската рамка, туку ја ослабнаа во одредени делови. Исто така, и понатаму не се донесени новиот Закон за укажувачи, ниту измените на Законот за спречување на корупција и судир на интереси — два клучни закони за ефикасна борба против корупцијата.

Овие резултати испраќаат јасна порака: без вистинска политичка волја, транспарентни процеси и отчетни институции, Северна Македонија ќе остане заглавена во стагнација. Борбата против корупцијата мора да стане врвен државен приоритет, а не само декларативна заложба, велат од ТИ-Македонија.

31-вото издание на Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) на Транспаренси Интернешнл прикажува загрижувачка слика на долгорочен пад на лидерството во справувањето со корупцијата, со ограничени знаци на напредок.

Во регионот, полошо рангирана од Македонија е Албанија, која бележи пад и се наоѓа на 91. место со 39 поени. Најдолу од регионот се Босна и Херцеговина (109. место) и Србија (116. место со 33 поени).

На врвот на Индексот повторно се земји со традиционално ниска корупција, но годинава никоја не достигна 100 поени, што упатува на глобално влошување. Па така, Данска и понатаму е на врвот, но со 89 поени, потоа следи Финска (88), Сингапур е трети (84) и Нов Зеланд (81) е на четвртото место.

Украина, која е четврта година во војна е рангирана на 104 место, со 36 поени, додека државата ахресор, Русија, е на 152 место со 22 поени.

На дното се држави со конфликти, ограничени слободи и слаби институции: Јужен Судан (8), Сомалија (9) и Венецуела (10 поени).

Оставете коментар

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде