Почетна ДЕНЕС Македонците најмногу купуваат облека онлајн, ретко нарачуваат храна и електроника

Македонците најмногу купуваат облека онлајн, ретко нарачуваат храна и електроника

74
0

Македонските граѓани кои купуваат преку интернет најчесто избираат облека и плаќаат претплати за интернет и мобилни услуги, додека значително помал дел се одлучуваат за храна, електроника и апарати за домаќинство. Ова го покажува прегледот на е-трговијата во Западен Балкан за 2025 година, изработен од Асоцијацијата за е-трговија, во кој се користат и податоци од Евростат за првото тримесечје од 2024 година.

Според анализата, 63,2% од интернет-корисниците во земјава купуваат онлајн. Со тоа Северна Македонија се позиционира подобро од повеќето балкански земји, зад Србија (65%), но сè уште под европскиот просек од 76,6%.

Најголем дел од купувачите – речиси 74% – нарачуваат облека, обувки и модни додатоци, што ја прави модата убедливо најдоминантна категорија и ставањето на земјата над европскиот просек во овој сегмент.

Од друга страна, купувањето други производи останува ограничено. Само 25,3% купиле спортска опрема, 21,8% козметика и велнес-производи, 12,4% домашни и градинарски производи, 11,4% компјутери, таблети или мобилни уреди, а 9,1% детски играчки и производи за нега на деца. Особено ниска е застапеноста кај средствата за чистење и лична хигиена (7,9%), лекови и додатоци во исхраната (7,7%), храната и пијалаците (7,6%) и електрониката и апаратите за домаќинство – само 2,3%.

Во делот на услугите, 44,1% од онлајн-купувачите плаќаат интернет или мобилни услуги преку интернет, што е речиси двојно повеќе од европскиот просек од 22,4%. Комунални услуги онлајн платиле 33,7% од корисниците, исто така над европскиот просек од 13,2%. Резервации за транспорт направиле 18,3%, за хотели 15,5%, додека платените дигитални содржини остануваат ретки – само 1,4% имаат претплати за музички стриминг.

Податоците покажуваат дека е-трговијата во земјава расте, но навиките на купување и понатаму се концентрирани на модни производи и услуги, додека другите категории сè уште имаат голем потенцијал за развој.

Оставете коментар

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде