На Скопскиот аеродром синоќа (8 март) успешно беа евакуирани 151 лице од Дубаи, претежно македонски државјани. Следниот чартер лет е планиран за вторник, 10 март, со кој се очекува да пристигне сличен број патници.
Третиот лет за евакуација е во подготовка за средината на неделата, но точниот број на патници ќе зависи од интересот на македонските граѓани кои се наоѓаат во ризичните подрачја. Организаторите најавуваат дека ќе бидат искористени сите расположливи места.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, истакна дека се работи и на евакуација на македонски државјани од Бахреин, Катар и Кувајт. Тие прво ќе бидат пренесени во Саудиска Арабија, а потоа се очекува да пристигнат во Скопје со авион во среда.
Муцунски апелираше до македонските државјани кои се пријавиле за евакуација, но решиле да не учествуваат, тоа навреме да го пријават. „Вкупно 14 лица кои требало да патуваат синоќа не се појавиле на аеродромот. Среќа што Амбасадата имаше листа на чекање и успеавме да ги пополниме тие места за вторник. Апелирам до сите за максимална одговорност, бидејќи се користат буџетски средства, а безбедноста е приоритет“, рече Муцунски.
На вечерашниот чартер лет пристигнаа 151 патник: најмногу македонски државјани, а меѓу останатите беа и лица од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Холандија.






