По краткотрајна стабилизација и престанок на врнежите во наредните 2–3 дена, од недела попладне и навечер (25 јануари), како и во понеделник (26 јануари), Македонија ќе биде под влијание на силен циклон со центар над Џенова.
Ќе има зголемена облачност и пообилни врнежи од дожд, засилен јужен и југоисточен ветер и локална нестабилност со грмежи. На планините ќе врне снег и ќе се зголеми снежната покривка, а локално се очекуваат над 30 л/м² воден талог.
Во понеделник, поради продор на постуден воздух од север, снежната граница ќе се спушти под 1000 м, особено во западните и северните предели, каде дождот ќе премине во снег.
Во Скопје и околината ќе има пообилен дожд со засилен југоисточен ветер, а на околните повисоки предели, особено во понеделник, ќе има услови за повремен снег.
До сабота температурите ќе бидат во пораст и на места над 10°C, а од недела повторно ќе следи заладување.






