Почетна ДЕНЕС Тоше Проески – 45 години вечност: Гласот што и денес нè сплотува

Тоше Проески – 45 години вечност: Гласот што и денес нè сплотува

72
0

Денес, на 25 јануари, македонската музичка легенда Тоше Проески ќе наполнеше 45 години. Иако физички не е меѓу нас од 2007 година, за многумина времето со Тоше никогаш не застана. Тој и понатаму живее – во песните што се пеат на глас и во тишина, во зборовите што лекуваат и во делата што оставија длабока трага.

Роден во Крушево на 25 јануари 1981 година, Тоше уште од најрана возраст го покажуваше својот исклучителен музички талент. Поддржан од семејството, растеше со музиката како своја најприродна средина. Настапите на детските фестивали „Златно славејче“ и „Мелфест“ беа само најава за она што следуваше – кариера каква што ретко се раѓа на овие простори.

Неговата професионална приказна започна во 1997 година, кога на „Мелфест“ во Прилеп победи со изведбата на „Yesterday“ од „Битлси“. Истата година настапи и на „Макфест“ со „Пушти ме“, песна што го претстави пред пошироката јавност. Веќе кон крајот на 90-тите, Тоше стануваше симбол на нова, искрена и чиста емоција во македонската музика. Албумите „Некаде во ноќта“ и „Синот Божји“ ја зацврстија неговата позиција како еден од најмоќните вокали и најомилените уметници во регионот.

Но Тоше не беше само пејач со ангелски глас. Тој беше човек со големо срце. Како амбасадор на УНИЦЕФ, несебично се залагаше за децата, за хуманоста, за вредностите што ги надминуваат сите поделби. Често велеше дека славата нема смисла ако не се искористи за да се направи добро. Неговата хуманост беше тивка, искрена и далеку од рефлекторите – токму затоа толку вистинска.

„Сѐ се должи на љубовта кон музиката“, велеше Тоше. „Никогаш не размислуваш што ќе се случи по 10 или 20 години.“ Денес, 45 години од неговото раѓање, знаеме што се случи – тој стана вечност.

Нашиот Тоше беше и остана човекот кој ги сплотуваше сите. Кај него немаше поделби – само музика, љубов и човечност. И додека неговите песни продолжуваат да одекнуваат, едно е сигурно: легендите не умираат. Тие само се претвораат во светлина.

Оставете коментар

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде