Триесет и осмото издание на Европските филмски награди (EFA), кои често се нарекуваат европски еквивалент на „Оскарите“, ќе се одржи на 17 јануари во Берлин. Ова е првпат во историјата на наградите свечената церемонија да не се одржи во декември, туку во средината на јануари – период кога традиционално се доделуваат најпрестижните светски филмски признанија. Пред нив неодамна беа врачени и „Златните глобуси“.
Иако понекогаш се во сенка на холивудските награди, европските филмови оваа година нудат исклучително квалитетна и разновидна селекција што заслужува внимание. За главната награда – најдобар европски филм – номинирани се неколку силни остварувања.
Меѓу нив е „Сентиментална вредност“, семејна драма на Јоаким Триер, во која Стелан Скарсгард, за својата улога, освои „Златен глобус“. Во конкуренција е и „Сират“, постапокалиптична одисеја на режисерот Оливер Лаксе, како и „Тоа беше само несреќа“, политички ангажиран филм на Џафар Панахи, добитник на „Златната палма“ во Кан.
Листата ја надополнуваат „Dog of God“ на Рајтис и Лаурис Абеле и анимираниот филм „Amélie et la métaphysique des tubes“ во режија на Мајлис Валаде и Лиан-Чо Хан. Во пошироката, прелиминарна селекција за оваа престижна награда беше вклучен и филмот „Мајка“ на македонската режисерка Теона Стругар Митевска.






