На вчерашното рочиште во врска со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, Дејан Рашков, раководител на Секторот за финансии во Општина Кочани, изјави дека парите за лиценца и фирмарија не биле уплатени директно од самата дискотека, туку преку правните лица „Класик ДМ“ и „ММММ“.
Рашков појасни дека Општината Кочани нема надлежност за издавање лиценци за ноќни клубови и кабареа – таа надлежност ја има Министерството за економија. Според него, собраните средства се делат на половина меѓу централниот и општинскиот буџет. Во овој случај, вкупниот износ изнесувал 246.000 денари, од кои половина завршила на сметката на Општина Кочани.
Сведокот истакна дека во даночниот регистар дискотеката „Пулс“ не фигурирала како посебен правен субјект. Тој изјави дека не може со сигурност да каже дали станувало збор за лиценца за дискотека или за кабаре. Дополнително, Рашков нагласи дека за постоењето на фирмите „Класик ДМ“ и „ММММ“ дознал дури по несреќата, при што „ММММ“ е правен следбеник на „Класик ДМ“.
Во врска со инспекциските надзори, тој посочи дека инспекторите работат самостојно и независно и одговараат единствено пред градоначалникот. Рашков додаде дека не е запознаен дали во периодот пред трагедијата бил спроведен инспекциски надзор во објектот „Пулс“.
Тој потврди дека Општината единствено ја утврдува висината на надоместокот, а правните лица ги вршеле уплатите согласно тоа. Сопственикот на дискотеката, според неговите зборови, не е должен однапред да ја известува Општината за организација на конкретен настан.






