Почетна ДЕНЕС Википедија одбележува 25 години постоење: Јубилеј прославен и во Скопје

Википедија одбележува 25 години постоење: Јубилеј прославен и во Скопје

19
0

Најпознатата онлајн енциклопедија во светот – Википедија, денеска одбележува значаен јубилеј, 25 години од своето основање. Платформата денес е достапна на 342 активни јазични изданија, меѓу кои и македонската верзија, која постои од 2003 година.

По повод годишнината, македонската вики-заедница и здружението Викимедија МКД, кое се грижи за развојот и одржувањето на македонското издание, вечерва од 19 часот во „Јавна соба“ во Скопје организираат свечено одбележување. На настанот ќе се обратат Кирил Симеоноски, Тони Ристовски, Николче Стојаноски, Ана Вишинова, Ирена Стерјовска, Валентина Трајковска и Филип Белчев.

Според Бојан Велковски, менаџер за комуникации во Викимедија МКД, македонската Википедија започнала како волонтерска иницијатива на млади ентузијасти со цел бесплатното знаење да стане подостапно за македонската публика. „Од неколку стотици статии на почетокот, денес македонската Википедија располага со 157.956 статии и заедница од околу 340 активни уредници, со што се вбројува меѓу позначајните изданија во регионот“, истакнува Велковски.

Википедија е основана на 15 јануари 2001 година во Соединетите Американски Држави од Џими Велс и Лери Сангер. Првично постоела само англиската верзија, но брзиот раст и глобалниот интерес довеле до создавање на бројни јазични изданија ширум светот. Енциклопедијата е целосно бесплатна и има за цел да обезбеди слободен пристап до збирното човечко знаење за секого.

Проектот го управува Фондацијата Викимедија со седиште во Сан Франциско, а името „Википедија“ потекнува од хавајскиот збор „вики“, што значи „брзо“, во комбинација со зборот енциклопедија – симболизирајќи брз и отворен пристап до информации.

Оставете коментар

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде