Почетна ДЕНЕС Утре се слави денот на лозјата и љубовта: Свети Трифун и Свети...

Утре се слави денот на лозјата и љубовта: Свети Трифун и Свети Валентин

104
0

На 14-ти февруари, според современиот календар (односно 1-ви февруари според стариот), се одбележуваат два празника кои имаат различни корени, но често се слават заедно – Свети Трифун и Свети Валентин. Свети Трифун е православен светец поврзан со лозарството и заштита на земјоделските култури, додека Свети Валентин е католички светител чиј ден е посветен на љубовта и пријателството.

Иако и двата празника се добро познати и во голема мера комерцијализирани низ светот, нивната историја и потекло се помалку познати.

Свети Трифун, роден околу 225 година во Фригија, дошол од побожно семејство. Тој бил надарен со исцелителна моќ, со која преку молитва можел да лекува разни болести. Легендата раскажува дека римскиот император Гордијан дознал за неговата дарба кога неговата ќерка, болна од душевна болест, била излечена од Трифун. За својот чин, Трифун ги поделил царските дарови со сиромашните. Подоцна, за време на владеењето на императорот Децение, Трифун бил затворен и мачен заради неговата вера, и на крајот починал на 1-ви февруари (14-ти февруари по новиот календар).

Во православната традиција, Свети Трифун се слави како заштитник на лозјата и земјоделските култури. Лозарите на овој ден ги посетуваат лозјата, ги закројуваат и ги попрскуваат со вино, со надеж за богат род и заштита од штетници и непогоди. Во Македонија, се уште се одржуваат овие обичаи, а во некои краеви тие се модернизирани или намалени, но духот на празникот останува жив.

Свети Валентин, пак, бил свештеник кој се спротивставил на забраната на императорот Клаудиј II младите војници да се женат. Тој тајно ги венчавал младите парови и поради тоа бил затворен и погубен. Легендата раскажува дека на една слепа девојка која се грижела за него ѝ испратил писмо, по што девојката прогледала. Оттогаш 14-ти февруари станал ден посветен на љубовта. Во 17 век, празникот започнал да се празнува и во Англија, а потоа се проширил низ целиот свет. Денес, младите ширум светот го одбележуваат со подароци, пораки и романтични вечери.

Во Македонија, двата празника често се слават истовремено. Свети Трифун се почитува преку обичаи поврзани со лозарството и светата вода, додека Свети Валентин го празнуваат младите со љубовни подароци и средби. И покрај различните традиции, овој ден ги спојува љубовта, пријателството и надежта за плодна и благородна година.

Оставете коментар

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде