Од 5 до 11 јануари се регистрирани 2.322 заболени од грип, што е зголемување од 34,6% во однос на претходната недела, соопшти д-р Драган Кочишки од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Најпогодени се децата до 14 години, додека најголем број случаи е регистриран во Скопје (556), Тетово (308), Куманово (266) и Охрид (202).
И покрај растот, активноста на вирусот се смета за средна и засега не се воведуваат дополнителни мерки како продолжување на зимскиот распуст. Епидемиолозите апелираат на превенција: проветрување на простории, слоевита облека, консумирање витамини и останување дома при појава на симптоми.
Во текот на втората недела е регистриран еден смртен случај – 75-годишна жена со грип од типот А. Од почетокот на сезоната до 11 јануари има вкупно 6.147 заболени, што е 2,6 пати повеќе отколку во истиот период лани, со доминација на вирусот АХ3.






