Почетна ДЕНЕС Смртоносен студ во Полска: најмалку 38 жртви од хипотермија оваа зима

Смртоносен студ во Полска: најмалку 38 жртви од хипотермија оваа зима

101
0

Најмалку 38 лица го загубиле животот од хипотермија во Полска од почетокот на зимата, што претставува речиси двојно зголемување во однос на истиот период минатата година, информираат полските надлежни институции. Поради екстремно ниските температури и најавата за најстудената ноќ во сезоната, службите се ставени во состојба на зголемена подготвеност, а постои загриженост дека бројот на жртви може да продолжи да расте.

Заменик-министерот за внатрешни работи, Веслав Шчепански, изјави дека се чекаат резултатите од обдукциите на уште две пронајдени тела, по што бројот на починати од последици на студот може да достигне 40. Овие информации ги пренесе полската новинска агенција ПАП.

Покрај смртните случаи предизвикани од ниските температури, Шчепански посочи дека во истиот период 54 лица починале од труење со јаглерод моноксид, што дополнително ја истакнува опасноста од несоодветно или небезбедно греење во зимските месеци.

Во обид да се спречат нови трагедии, итните служби спроведуваат интензивни контроли на напуштени згради, подруми и импровизирани засолништа. Во акцијата се вклучени околу 8.600 полицајци. Дополнително, низ целата земја се поставени загреани шатори кои ќе функционираат непрекинато и ќе обезбедат привремено засолниште за бездомните лица.

Според најавите, Полска се соочува со најстудената ноќ оваа зима, со температури што ќе се движат меѓу минус 20 и минус 30 степени Целзиусови во поголем дел од територијата. Во североисточниот град Сувалки се очекуваат температури и до минус 29 степени, а поради силниот ветер, чувството на студ може да достигне екстремни минус 36 до 38 степени.

Екстремниот студ кој ја зафати Централна и Источна Европа повторно ја актуализира потребата од поголема заштита на ранливите категории, особено бездомниците и лицата кои живеат во лошо загреани домови. Полските власти апелираат до граѓаните да пријавуваат случаи на лица во опасност и да избегнуваат непотребен престој на отворено за време на најниските температури.

Оставете коментар

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде