Почетна ТРЕНД Мозоци од починати луѓе од Македонија, биле испраќани во САД носени...

Мозоци од починати луѓе од Македонија, биле испраќани во САД носени „во куфери“

86
0

Најновите објавени материјали поврзани со Џефри Епстајн отворија сериозни прашања во македонската јавност, откако во нив се споменува дека мозочни ткива од Македонија биле користени во американски научни истражувања и транспортирани преку комерцијални летови – „во куфери“.

Станува збор за истражувања на Универзитетот Колумбија, предводени од професорите Џон Ман и Викторија Аранго, посветени на мозокот на депресивни жртви на самоубиство. Во документи објавени на интернет-страницата на американското Министерство за правда се наведува дека „малата балканска земја Македонија“ придонела со „најнови мозоци“, кои по замрзнување биле транспортирани илјадници километри до САД.

Описот за пренос на човечки мозоци како авионски багаж, во комбинација со поврзаноста на истражувачот Џон Ман со контроверзните „Епстајн досиеја“, отвори сомнежи дали ткивата биле изнесувани транспарентно и по сите законски процедури.

Поранешниот директор на Институтот за судска медицина во Скопје, професорот Алексеј Дума, потврдува дека соработка навистина постоела, но демантира шпекулации за масовен извоз.

„Сè беше легално, со дозволи и протоколи. Не станува збор за илјада мозоци, туку за десетина ткива, изнесени со согласност од семејствата и со одобрение од Министерството за здравство“, изјави Дума.

Документи од Американската медицинска библиотека покажуваат дека научната соработка меѓу Институтот за судска медицина во Скопје и Државниот психијатриски институт на Њујорк започнала уште во 1996 година. Македонија била избрана поради високата стапка на обдукции, додека американската страна нудела напредна лабораториска инфраструктура.

Во проектните извештаи се наведува дека најголемиот проблем бил токму добивањето дозволи за изнесување на ткивата од Македонија, што упатува дека процесот бил институционално чувствителен и административно сложен.

Иако научниците тврдат дека соработката донела обука, опрема и меѓународно учество во десетици истражувачки проекти, јавноста останува со отворени прашања: колку точно ткива биле изнесени, во кои години, со каква документација и под каква домашна контрола – особено сега, кога истите истражувања повторно излегуваат на површина преку контроверзните досиеја поврзани со Џефри Епстајн.

Оставете коментар

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде