Боксерот Ален Рустемовски и бодибилдерката Катерина Попева ги понесоа највисоките признанија – најдобар спортист и спортистка за 2025 на традиционалната манифестација „Спортист на годината“ што се одржа во организација на Министерството за спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија.
Сребрениот медал и европската вицешампионска титула од ЕП У23 во Ереван, Еременија на талентираниот македонски боксер Ален Рустемовски му донесоа заслужено признание – спортист на годината, според гласовите од националните спортски федерации и од медиумите. Во оваа категорија, покрај Рустемовски, за спортист на годината беа номинирани и Енис Барди (фудбал), Стефан Михајловски (кикбокс и маитаи), Андреас Трајковски (атлетика) и Владимир Егоров (борење).
Победничката во женска конкуренција, Катерина Попева изминатата година ја одбележа со титула светска шампионка на СП во фитнес и бодибилдинг што се одржа во Санта Сусана, Шпанија. Во конкуренција за најдобра македонска спортистка за 2025 година беа и Ангела Мојсовска (карате), Александра Марковска (фудбал), Катерина Ацевска (џиу џица) и Сашка Колеска (спортски танци).
Добитници по категории:
Спортист на годината: Ален Рустемовски (бокс)
Спортистка на годината: Катерина Попева (боди билдинг и фитнес)
Најуспешен млад спортист: Адријан Рустемовски (бокс)
Најуспешна млада спортистка: Даниела Алексовска (бразилска џиу џица)
Најуспешен женски национален тим: Ракометна репрезентација на Македонија – сениорки
Најуспешен машки национален тим: Одбојкарска репрезентација на Македонија – сениори
Најуспешен тренер/селектор: Могамед Ибрагимов (борење)
Најуспешна национална спортска федерација: Џудо федерација на Македонија
Најуспешен спортист со инвалидитет: Андреј Стојановски (пливање)
Најуспешна спортска екипа од Универзитетите: Машки тим во мал фудбал на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје
Најуспешен училишен спортски клуб од средните училишта: СУГС „Никола Карев“ – Скопје
Најуспешен училишен спортски клуб од основните училишта: ООУ „Никола Карев“ – Кочани
На годинашното издание на изборот „Спортист на годината 2025“ беше доделена и плакета за постигнати резултати на талентиран млад спортист. Добитник на ова признание е младиот пливач Петар Цеков.
Традиционалната спортска манифестација „Спортист на годината“ годинава го бележи 71-то издание.






