Почетна СПОРТ Од денес почнуваат настапите на Македонските олимпијци

Од денес почнуваат настапите на Македонските олимпијци

64
0

Македонскиот тим е составен од четворица врвни спортисти кои се докажани во своите дисциплини. Во алпско скијање ќе настапат Јана Атанасовска и Виктор Петков. Атанасовска, која е најмлада членка на тимот и рекордерка во алпско скијање, ќе се натпреварува во слалом и велеслалом, додека Петков ќе настапи во истите дисциплини. Во нордиските скијачки дисциплини Македонија ќе ја претставуваат Ставре Јада и Ана Цветановска. Јада, како најискусен член на тимот, за кого ова се трети Зимски олимписки игри, ќе настапи во спринт и во трката на 10 километри со интервал старт, додека Цветановска, по настапот во Пекинг, повторно ќе се натпреварува во истите нордиски дисциплини.

Настапите на македонските спортисти се распоредени во неколку натпреварувачки денови. Нордиските дисциплини, во кои ќе настапат Јада и Цветановска, се закажани за 10, 12 и 13 февруари, додека алпските дисциплини, со настапи на Атанасовска и Петков, ќе се одржат на 14, 15 и 18 февруари. Со тоа, македонските спортисти ќе имаат можност во повеќе денови да ја претстават државата на најголемата светска сцена за зимски спортови.

Свеченото отворање на 25. Зимски олимписки игри се одржа истовремено на четири локации – Милано, Кортина, Предацо и Ливињо, што е еден од специфичните организациски концепти на овие Игри. Македонската делегација беше распоредена на три од овие локации. Јана Атанасовска го носеше македонското знаме во Кортина, Ставре Јада беше знаменосец во Предацо, каде заедно со него дефилираше и Ана Цветановска, додека Виктор Петков ја претставуваше Македонија во Ливињо.

Оставете коментар

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде